Незапирлива иницијатива

Се сеќавате на иницијативата Незапирлива која се случи лани? Започна со еден телефонски разговор со Тетка Мира, која е мајка на Бети, девојка со Даунов Синдром. Си зборуваме почесто и така низ муабет ми вели, Изабела, дај некоја идеја на Бети што да плете, имаме полни куфери со работи, а таа не запира, по цел ден само плете. Пандемијата си го направи своето, Бети затворена меѓу четири ѕида, и останува да го прави тоа што најдобро го знае – да плете. И не само Бети, сите останати занаетчии.
Така се роди иницијативата Незапирлива. Бети, сплете прекрасни алки кои ги поделивме на жени кои имаат позитивен импакт во општеството – тие ја промовираа иницијативата со цел да се подигне свеста за купување на рачни изработки од лица од ранливи категории. Имаше многу лајкови и беше најгледаното видео на Види Вака за минатата година!
Но! Знаете колку лица дојдоа да купат по завршувањето на иницијативата? Тројца! Од илјадници лајкови, тројца дојдоа да купат и да ја поддржат Бети!
На овој начин можеби и не успеавме да ја поддржиме Бети да обезбеди повеќе средства за својата терапија која ја купува од Германија, но тоа беше една вредна лекција која ни даде насоки за понатаму.
Оваа година одиме со поинаков пристап кон сè! Нема разлика меѓу занаетчии и лица од ранливи категории. Нема да купуваме веќе од жал за да поддржиме некого. Борбата на фронтот наречен менталитет не можеме да ја водиме ние самите. Затоа овој пат, во развојот на Еснаф, вклучуваме и дизајнери. Заедно со нив ќе создадеме дизајнерски парчиња и колекции, кои ќе ги изработат Бети и останати лица од ранливи категории, но тие самите нема да бидат изложени на лајкови и браво. Тие ќе продолжат да работат како и досега, а вие ќе можете да си купите врвни дизајнерски парчиња.