fbpx

ВЕЗЕЊЕ

Во минатото везот претставувал главен украс, особено ксј женските кошули, марами, но и на многу други делови од носијата и затоа било особено важно младите девојки уште од најрана возраст да ја научат оваа техника. Индустријализацијата не успеала да го одземе шармот и вредноста на рачното везење. Тоа е атрактивно и денес особено во високата мода како процес кој ја потврдува уникатноста на моделот, како и при изработка на везен накит кој се одликува со специфичен колоритен изглед.
Се што ви е потребно е: ѓерѓев, платно распнато на ѓерѓевот, игла и шарени конци и магијата на везењето може да почне. Техниката на везење е еден од оние процеси во модниот дизајн кој му дава форма на висока уметност. Во современиот моден израз, рачниот вез најчесто се користи во високата мода како процес кој ја потврдува уникатноста на моделот.
Пренесувајќи се континуирано од поколение на поколение, согласно во битот и вербата на македонскиот народ во продолжување на традициите, највисокиот дострел во својот развој македонската везбена уметност го достигнала во 19 век. Карактеристична особеност на македонскиот вез му даваат и густо извезените површини, така што се исполнуваат во соодветни бои не само орнаментите туку и самиот фон. Понекогаш бели неизвезени делови на фонот ги формираат орнаментите или само нивните контури, а поретко за фон на мотивите служи само бело платно. Најзастапената техника е т.н полнеж ( гобленска техника, коси бод ) И покрај разните историски фактори, формирањето на македонското везбено творештво во една издиференцирана народна уметност секако се должи најмногу на уметничките потенцијали на средината во која се создавало и егзистирало. А во тој поглед македонскиот народен вез јасно сведочи за творечката оригиналност на неговиот создавач – македонската жена.