ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ ЗА ФИЛИГРАНСКИОТ НАКИТ

Креативноста на македонскиот народ е особено изразена во техниката Филигран од која произлегле најубавите парчиња накит, дела на врвните мајстори. Оваа техника бара неверојатна прецизност, внимателност во деталите, а за да биде секое парче ремек дело покрај креативниот потенцијал на мајсторот потребно е богатство од симболи, форми и раскош. Изработката на филигранот е со тенки сребрени или златни нишки кои се виткаат или преплетуваат со што се добиваат сложени форми и мотиви. Поради својата уникатност и комплексност техниката може да се нарече и кралица на техниките за изработка на накит.

Филигранската техника е позната од многу одамна ( 2500 г.п.н.е ) и во текот на вековите со неа се изработувал прекрасен накит како и украсни предмети. Филигранот е најраспространета техника за уметничка обработка на сребро и злато. Бидејќи не постоеле мостри и шеми за изработка на мотиви кај оваа техника е најмногу пројавен индивидуалниот народен дух. Секој мајстор ги комбинирал и изработувал шарите според својот личен креативен порив. Името филигран доаѓа од латинските зборови Filum ( нишка ) и Granum (зрно ) кој како збор се востановил во XVII век во Франција.

Филигранскиот накит во Еснаф е изработен од тенка чисто сребрена жица. Овие прекрасни остварувања на филигранската техника зрачат со исклучителна убавина на македонскиот традиционален накит.