РЕЗБА

Резбата зазема посебно место како значајна уметничка гранка со вековна традиција. За жал, поради трошноста и лесната запаливост на дрвото, предметите изработени од овој материјал биле низ вековите повеќе подложени на пропаѓање и уништување, така што немаме зачувани поголем број постари средновековни творби во резба. Но, тие кои опстанале и се сочувани сведочат за нејзиното достојно уметничко ниво.
Најстарите зачувани творби во резба кај нас потекнуваат од XIV век. Како и другите средновековни ликовни уметности, така и резбата во Македонија се развила под Византиски влијанија.
Копаничарство или дрворез – применета уметност или занает, односно изработка на предмети или резби од дрво. Вреднувањето на изработки е во сооднос со големината на изработката, длабочината на резбата и квалитетот на дрвото. Резбите се изработуваат од тврди дрва, најчесто орев, а можат да бидат две форми, односно плитка и длабока резба. Во Македонија копаничарството има милениумска традиција, што е потврдено и со археолошки наоди.