fbpx

Интервју за Слободен Печат

Свеста за купување рачни изработки секојдневно се зголемува, а тоа особено се забележува кај младите кои сакаат да излезат од рамката, вели Изабела Соколовска, ракотворка.

      „Еснаф“ започнал со работа со производи од 50-тина занаетчии. Секојдневно интересот за учество растел и досега бројката надминала 100 занаетчии. Интересот за учество е голем, а креативците се одлични во изработките.

     Македонија е земја богата со култура и традиција, автентични занаети, уникатни ракотворби и сè тоа останува само на нашето тло. Затоа го создадов „Еснаф“од каде производите може да ги купуваат од целиот свет – вели оснивачката на „Еснаф“, уметницата Изабела Соколовска.

Што претставува Еснаф, со која цел е основан?

     „Еснаф“ е онлајн-продавница за рачни изработки, но и физичка продавничка во центарот на Скопје. Она по што се издвојува од останатите е начинот на кој ги комбинира бизнисот и социјалната еднаквост. Во „Еснаф“ се продаваат рачни изработки од занаетчии, но и од лица од ранливите категории. Настана како природна појава и логичен след на развојот на Институт „Креативна Македонија“. Преку големиот број базари и работилници кои ги организиравме преку организацијата, одблизу се запознав со потребите на занаетчиите. Тоа што ги обединува сите е потребата од простор за продажба на производите. Така се роди идејата за „Еснаф“ – место кое ќе ги обедини сите и ќе настапи под еден бренд.

Колку еснафот, уметничкиот занает се цени во нашето општество? Кои се најчести купувачи?

     Ќе започнам од тоа дека рачната изработка се цени, но можеби и повеќе треба, и затоа е предизвик да се продава. „Еснаф“ покрај продажба работи и на едукација купувачите за занаетите и начините за изработка и вредноста на секој еден производ. Од досегашното искуство можам да кажам дека има купувачи од сите категории. Млади и возрасни, мажи и жени.
Рачните творби бараат многу време, трпение, љубов и умешност да се создадат.
Во „Еснаф“ можат да се најдат интересни парчиња за сечиј џеб, а како што се вели, за секој производ има муштерија. Тоа што особено значи за овие мали бизниси се општествено одговорните компании кои се одлучуваат да нарачаат рачни изработки и да ја поддржат мисијата на „Еснаф“.

Каква е свеста на Македонците дека со купување рачна изработка придонесуваат за поддршка на македонските занаетчии и уметници? Дали е сè уште популарен трендот дека странското, особено брендираното, е подобро или помодерно?

     Свеста за купување рачни изработки секојдневно се зголемува, а тоа особено се забележува кај младите кои сакаат да излезат од рамката. Тоа може да го заклучиме од големата посетеност на базарите за рачни изработки. Проблемот е што уметничките производи нема каде да се купат по завршувањето на овие настани. Најчесто преку социјалните медиуми, но и тоа не е доволно и не е легално секогаш. Потребно ни беше вакво место каде што ќе бидат сите собрани и постојано достапни.
Странското и брендираното секогаш ќе биде популарно, но се зголемува и бројот на тие кои се издвојуваат и не сакаат да бидат дел од униформноста. Тие се одлучуваат за уникатни, рачно изработени производи, тие ја разбираат нивната вредност и нивното значење.

Со оглед на тоа дека сте во тек со занаетчиството во Македонија, за кои занаети би рекле дека се, за жал, на изумирање? Кои пак, нови занаети се во прогрес?

     Тоа што соработуваме со над 100 занаетчии покажува дека интересот од страна на занаетчиите е голем и нивниот број постојано се зголемува. Меѓу нив, застапени се дел од традиционалните занаети и поголемиот дел од современите. За жал, голем број традиционални занаети се во изумирање, но тие се занаети чијашто функција и потреба се намалила со индустријализацијата. Од современите занаети кои се во прогрес, чии производи се застапени во „Еснаф“ се сутажот, декупажот, епоксидната смола, амигурими, фимо и квилингот.

Линк до интервјуто:

Оригиналноста на занаетчиите за спој на традиционалното и модерното