fbpx

Интервју за Лице в Лице

Еснафски одговор на консумеризмот и нееднаквоста.

Новото социјално претпријатие е интернет платформа за промоција на ракотворби, но има и физички простор, продавница во центарот на Скопје. Она што го издвојува од останатите креативни платформи е начинот на кој ги комбинира бизнисот и социјалната еднаквост.

     Уникатноста на ракотворбите, духот на традицијата, моќта на сплотените идеи и делувања, меѓусебно учење, соработка и поддршка и промоција на зелени бизниси кои не ѝ штетат на природата се спецификите што ги нуди новата платформа за развој на мали занаетчиски бизниси, „Еснаф“. Станува збор за социјално претпријатие кое ги зајакнува ранливите, дава придонес кон еднакво општество, креира можности за вработување ранливи сограѓани, зајакнува вештини и капацитети на ракотворци и сите кои сакаат своето хоби да го донесат на професионално занимање.

„Еснаф“ е основан од страна на Институт „Креативна Македонија“ и претставува интернет платформа за промоција на ракотворби, но има и физички простор, продавница во центарот на Скопје. Она што го издвојува од останатите креативни платформи е начинот на кој ги комбинира бизнисот и социјалната еднаквост. Основачката, Изабела Соколовска раскажува дека идејата ѝ дошла пред две години, кога започнала со работа на „Креативна Македонија“. Го увидела предизвикот на занаетчиите за начинот и местото на продажба на нивните производи.

    Започна од една идеја што долго време се крчкаше во мојата глава. Кога си самиот ракотворец и кога долго време соработуваш со креативни луѓе од прва рака ги знаеш нивните барања, проблеми, потреби. Светот граби напред, интернетот е повеќе од убави луѓе и сè што се купува, продава, рекламира  – е таму. Тука сме ние, земја која е богата со култура и традиција, автентични занаети, уникатни ракотворби и сето тоа останува само на нашето тло – објаснува Соколовска за раѓањето на  „Еснаф“.

Таа додава дека базарите се одлична пригода каде што и новите занаетчии и ракотворци имаат можност, покрај шансата да продаваат, и да се запознаат со други занаетчии кои добро го владеат овој свет и да научат многу од нив.

– На сите базари се раѓаат фантастични соработки и вмрежувања меѓу сите нив. Но тие не се доволни за нивно одржување односно опстојување. Затоа, верувам во „Еснаф“, платформа што ги обединува сите нив и ќе стане главниот поврзувач со нивните купувачи – објаснува Соколовска.

Таа појаснува дека сите претходни обиди да се здружат силите на занаетчиите не биле успешни.

    Причините за тоа се помалку и повеќе познати. Ќе започнам од тоа дека рачната изработка не се цени доволно кај нас. Граѓаните немаат доволно куповна моќ за да си ги дозволат овие производи. Нивната цена секако дека ги надминува нашите стандарди, и тоа е од едноставна причина што е предизвик да се продаваат рачните изработки. Освен овој, имаме и многу други предизвици – досега немаме добиено никакви финансиски средства.

    Стартната поддршка во вид на менторство пак, „Еснаф“ ја добива токму од Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, со што ги зајакнува своите капацитети за маркетинг и продажба. Така, идејата, прераснува во онлајн продавница а во центарот на Скопје пак, „Еснаф“ има и простор, кој освен како продавница, се користи и за различни обуки кои ги унапредуваат капацитетите на оние кои сакаат да се занимаваат со креативни изработки.

    Онлајн продавницата е канал кој нè поврзува со светот, додека физичката продавница нè обединува на нашиот простор. Воедно и нè доближува со туристите кои циркулираат во центарот на Скопје – рече Соколовска.

Не дозволуваме капитализмот и модерното живеење да нè одалечат од производите креирани со љубов.

     Во време во кое брзата заработувачка и уште побрзата живеачка се бркаат како мачка кога си ја лови опашката, доаѓаме до прашањето колку се важни нашите навики како консументи. Соколовска вели дека, иако живееме во модерно и софистицирано време, каде што на пазарот се претставени голем избор на најразновидни машини, апарати, сепак, луѓето повторно се навраќат кон тоа што било примарно, автентично и архаично, а тоа е рачната изработка.

   Преку ракотворбите, ја запознавате душата на ракотворецот кој твори. Твори со денови и ноќи, за нештото да биде совршено. А, кога ќе го добиете знаете дека сте добиле вредно парче љубов – објаснува таа.

Соколовска посочува и дека работат на тоа „Еснаф“ да има силна улога во социјалната економија во земјава, токму затоа што е е креирано од реалните потреби на неговите засегнати страни.

    „Еснаф“ настана природно со интересот за учество на лицата од ранливите категории на нашите базари. Можноста да работат и заработуваат од дома за нив значи огромна поддршка. Регистрирањето како занаетчија е огромен трошок, а да се биде достапен до купувачите, треба да се има сопствен простор, што е исто така дополнителен трошок и време кое се одзема од процесот на изработка. Да се изработуваат производите, да се фотографираат, маркетингот и поврзувањето со купувачите е процес, продажбата е процес кој сам по себе одзема многу време и е тежок модел за да биде профитабилен. Тоа што „Еснаф“ го нуди е преземање на производите по изработката и нивно понатамошно поврзување до купувачите – вели таа.

Нејзината одлука „Еснаф“ да биде социјално претпријатие, а не обичен, традиционален бизнис е водена од личното искуство како ракотворец кој 8 години се соочува со предизвиците со кои се соочуваат сите занаетчии и ракотворци.

    Директно ја искусив потребата да се создаде модел на бизнис кој ќе ги обедини сите на едно место, притоа обезбедувајќи ги потребните обуки и настани. Поддржувањето на тие луѓе кои сакаат рачната изработка да им биде определба за живот е причината која настана „Еснаф“. Во текот на работата поддржавме голем број на лица од ранливите категории, за кои овој модел се покажа одличен за нивен развој и вработување – вели Соколовска.

     Нејзината желба да влијае на унапредување на општеството е очигледна. Таа, навраќајќи се кон минатото и традицијата, гледа во иднината, сакајќи да го заштити автентичното богатство на земјава.

    Во периодот околу 15-ти век, еснафите биле создадени со цел да се заштитат интересите на занаетчиите. Секој еснаф претставувал засебна целина, со свои пари и печат. Македонија била една од земјите која, покрај појавата на индустријализацијата, успеала да ги зачува и одржи занаетите во живот. Така и ние, неколку века подоцна, нашата инспирација ја црпиме токму од минатото, од богатата традиција и култура со која се одликува нашата земја. Низ вековите, генијалноста на луѓето се препознава токму во создавањето на разновидни занаети, односно во содавањето на култура и традиција. Најинтересно е што човекот во тоа време немал намера да ги создава истите, туку тоа го правел за егзистенција, прилагодувајќи се на условите во кои живеел. За денеска сето тоа што низ времето го создавал, да може да се нарекува традиција, обичаи, култура – објаснува Соколовска.

   Стартниот успех на „Еснаф“ е тоа што има производи од 50 занаетчии, а нивниот број постојано се зголемува.

     Поради големата побарувачка на автентични сувенири кои ќе ја претстават нашата земја, целата своја традиција и култура, наскоро ќе започне и серијата на уникатни рачно изработени сувенири достапни во ограничени количини – најавува таа.
„Еснаф“ е основа за развој на поединечни социјални бизниси.

    Страствената поддржувачка на рачна изработка и професионалец со огромно искуство во областа на маркетингот, брендирањето и продажбата, Билјана Лончар ја дели желбата за успех на „Еснаф“, каде таа увидела огромен потенцијал.

    „Еснаф е микс на хуманоста, традицијата и иднината во која се преплетуваат животни приказни на многу луѓе и нивните прекрасни ракотворби. Основан е од девојка со неверојатна енергија, огромна желба и посветеност да ја пренесе пораката, која е многу моќна. Поради тоа, со вистинската поддршка, нема простор за неуспех. Тоа што ја издвојува од сите останатите е токму во тоа што „Еснаф“ е основа за поткнување на развој на поединечни социјални бизниси и побрз развој на малото занаечиството, што е од особено значење. Истовремено носи и една подлабока мисија која ги допира уметноста, традицијата, историјата и промоцијата на вредностите на нашата земја – вели Лончар.

Елизабета Петкоска е една од ракотворците кои се дел од „Еснаф“ уште од кога социјалното претпријатие беше само идеја. Таа објаснува дека ја цени дружбата со другите ракотворци и посетителите и ужива во базарите.

    Но базарите не се толку чести. Ги користам и социјалните мрежи, но таму не можам да сум постојано активна што мене ми е проблем. Јас постојано плетам и креирам и потребно ми е да создавам за да продадам и да можам да си ги платам месечните терапии. Поддршката што ја добивам од „Еснаф“ ми е клучна. Тие ги  промовираат моите производи во земјава и странство, преставувајќи ги во најдобро светло со опис и фотографија, од нив имам промоција на социјалните медиуми, бесплатно учество на работилници каде што можам да се унапредувам , а би сакла посебно да им се заблагодарам затоа што ме поддржуваат да учествувам на сите базари – објаснува Бети.

Бети е личност која има Даунов синдром и за која плетењето, освен што е начин за работен ангажман, делува и во насока на инклузија – таа поради оваа активност се дружи со луѓетто, учи, комуницира со свои клиенти.

     Секогаш сакам да напредувам во плетењето, да научам нешто ново. Среќна сум кога моите производи се барани, кога луѓето ги носат. Сакам да ги усреќувам сите. Се надевам дека мојот бренд, „Елизабет арт“еден ден ќе биде препознатлив. Но најмногу од сè сонувам почесто да патувам и да се дружам.  Во мај следната година по трет пат ќе гостувам во Турција во градот Јелова, ќе ја преставувам Македонија и моите изработки. На ова патување посебно му се радувам затоа што ќе ги видам пријателите што сум ги запознала таму и ќе се дружам со нив – објаснува Бети.

    На прашањето дали се гледа како социјална претприемачка, Бети скромно одговара дека повеќе се гледа како уметник кој се пронашол себеси во креаирањето накит и различни додатоци од конец. 

    Не викам не, затоа што никогаш не знаеме каде ќе нè одведе иднината, но до тогаш тука е „Еснаф“ да ме преставува – вели таа.

Следи новогодишниот базар?

Зад „Креативна Македонија“ и „Еснаф“ стојат вкупно 9 базари на рачни изработки, на кои учествувале над 300 занаетчии и ракотворци, од кои 35 лица од ранливите категории, со посета од над 12 000 домашни и странски посетители. Сега тимот е пред организирање на следниот, новогодишен базар, кој ќе се одржи на 14-ти декември во хотел „Континентал“ во Скопје.

     Препознатливи сме по овој новогодишен базар и тој ни стана омилена активност во овој период. Местата за учество експресно се пополнија и драго ми е што занаетчиите ја препознаваат можноста за нивно претставување – вели Соколовска.

Линк до интервјуто:  https://licevlice.mk/odgovorna-idnina/articles/59